Adobe Photoshop Online алатката – Adobe Express – креирана е со цел да им ја олесни на корисниците/чките на пакетот Adobe изработката на графици и на анимиран дизајн за социјалните мрежи. Претходно алатката беше позната како Adobe Spark, а компанијата во 2021 година ја ребрендираше во Adobe Express. Можете да ја користите на кој било уред. На овој начин, Adobe Express влегува во трката со престижните алатки за креирање на визуелна содржина за социјалните мрежи, како што се Canva, PicMonkey, CapCut и многу други.
Како и повеќето слични онлајн алатки, сѐ што ќе креирате можете директно да го објавувате на социјалните мрежи Facebook, Youtube, Twitter и слично.
Adobe Express вклучува алатки и ефекти за текст, слика, слој и избор, сите оние елементи што ви се потребни за поубаво и полесно работење.
Апликацијата е достапна за iPhone, iPad, Android телефоните и Windows таблетите. Се наоѓа во Microsoft Store и се инсталира на Windows работната површина со верзијата Windows 8 или со понова. Photoshop Express Editor нуди голем број на можности за подобрување на фотографиите.
Наместо да ги менувате фотографиите онлајн, Adobe ви овозможува да го направите тоа на вашиот паметен телефон или таблет.
Креирање на привлечен дизајн за вашата публика
Преку Adobe Express можете да креирате анимирани текстуални ефекти за да ја привлечете публиката на визуелно попривлечен начин. Изберете помеѓу различните ефекти на текстуална анимација за да го изберете оној ефект што ќе биде соодветен за вашиот целокупен дизајн.
Можете да креирате и колажи со фотографии за само неколку секунди. Можете да изберете еден од шаблоните и да ги наредите вашите фотографии во нив. Можете дополнително да бидете уште покреативни со додавање на текст, слика или некоја икона за вашиот колаж да биде целосен.
Оваа алатка има можност и за отстранување на позадината, која функционира едноставно, исто како и во Canva. Доволно е да ја изберете сликата од која сакате да ја отстраните позадината, да ја изберете опцијата Отстрани ја позадината и за неколку секунди вашата слика веќе нема да има позадина.
Можете да ја менувате шемата на боите и сликите како и да ги обработувате фотографиите. Исто така можете да ги вклучите вашите брендирани елементи (лого, бои, фонтови) за да го направите вашиот дизајн да е повеќе персонализиран.
Од неодамна е воведена нова опција за креирање на распоред на вашите објави однапред на социјалните мрежи, но таа е достапна само за Premium корисниците/чките.
Опциите кои се исто така достапни во оваа алатка се и можност за конверзија од еден во друг формат: JPG, PNG, SVG, GIF, MP4 или PDF формати.
Предности и недостатоци
Се издвојуваат многу предности на оваа алатка, а меѓу нив се едноставното користење, достапноста на 15 јазици, поволноста за почетници/чки и за оние кои не се дизајнери/ки, 2 GB простор во бесплатната верзија, планер за објавите на социјалните мрежи, брендирање, стотици анимации и позадини како и 30-дневен бесплатен пробен пристап до Premium планот.
Иако е многу корисна алатка со навистина голем број на функции, она што се наведува како нејзин недостаток е тоа што не е совршен видео уредувач, туку само фото уредувач.
Со неа нема да можете да креирате видеозапис за Reels или за TikTok, односно ќе можете но како посебни сегменти, една сцена, но ако сакате подолг видеозапис, тогаш ќе морате да ги споите во некоја друга програма.
Она што исто така ја издвојува од другите, во контекст на недостатоците е тоа што повеќето од достапните функции се за платената верзија, па така станува недостапна за големиот број на корисници/чки.
Откако ја пробав оваа алатка за креирање на едноставен Reels и видов дека не можам да го вклопам целиот Reels во еден видеозапис, тогаш ѝ давам предност на Canva за креирање и за снимање на видеозаписи за социјалните мрежи.
Колку чини
Adobe Express е достапен бесплатно со илјадници шаблони, stock фотографии, фонтови и други неверојатни функции. Бесплатната верзија е достапна со 2 GB мрежен капацитет за складирање.
Меѓутоа, треба да го надградите вашиот план ако сакате да имате пристап до Premium функциите.
Adobe Express Premium планот ќе ве чини 9,99 УСД месечно. Со купување на годишен Premium план можете да заштедите на трошоци до 16% со плаќање на 99,99 УСД.
Premium планот ќе ви овоможи пристап до над 160 милиони Adobe stock фотографии и 20.000+ лиценцирани Adobe фонтови. Исто така ќе добиете 100 GB простор за складирање во облак.
Пред купувањето на Premium верзијата, можете да го тестирате софтверот со 30-дневен бесплатен пробен период.