Веќе не е непознато дека современите корисници/чки на медиумска веб содржина претпочитаат мултимедија. За приказната да привлече внимание, веќе не е доволно да се има текст, видео или фотографија што ќе бидат вградени во самата содржина, туку е потребно содржината да биде интерактивна. Исто така не е непознато дека новинарите/ките се свесни за оваа потреба и се трудат нивните приказни да ги збогатат со што е можно повеќе содржина. Меѓутоа, она што највеќе ги спречува секогаш да го прават тоа се роковите и потребата подобро да се запознаат со кодирањето за да можат да имплементираат некои работи. За среќа, постојат многу алатки кои ја олеснуваат оваа работа. Откако ви претставивме неколку алатки како што се Visme, Sway и Pageflow, денес ви претставуваме уште една алатка која ви овозможува на полесен начин да ги раскажете вашите важни приказни и да и ги претставите на публиката на вистинскиот начин.
Shorthand
Shorthand е уште една алатка која им овозможува на новинарите/ките и без познавање на кодот подобро да ги подготват нивните приказни за на веб а читателите/ките добиваат впечаток за особеноста на приказната што сакаат да ја раскажат. Откако ќе отидете на нивната страница каде што можете да видите голем број на интересни примери, со кликнување на менито ќе ја најдете опцијата за регистрација на вашиот налог. Регистрацијата е бесплатна и доволна за да започнете да ја тестирате оваа алатка со три приказни што сакате да ги раскажете. Дополнително добра работа е тоа што во приказната можете да ги вклучите и другите колеги/шки, како дел од тимот, за да ви помогнат околу дизајнот, за дополнувањето на приказната, за визуелните елементи итн.
Работна средина

Со влегувањето во работниот простор по регистрацијата и најавата и со потврдувањето на адресата на електронската пошта со која сте се регистрирале, ќе добиете известување за бројот на приказни што можете да ги објавите со бесплатниот налог. Веднаш во продолжение, обично во средината на екранот, ќе добиете две опции: првата опција е за креирање на нова приказна (Blank story), а втората е за креирање на збирка на приказни (Story collection).
Со кликнување на можноста за креирање на нова приказна ќе добиете 18 шаблони кои, во зависност од тоа што сакате да раскажете, ќе ви дадат можност за управување со визуелните елементи на таков начин за да можете подобро да ја прикажете вашата приказна. Иако имињата на самите шаблони се понекогаш збунувачки како на пример Tips&Tricks, Gift guide и сл., описите ви олеснуваат да ја разберете вистинската можност на самиот шаблон. Дополнително, многу е корисно тоа што е овозможен преглед (preview) на секој шаблон за на тој начин да можете да ја разберете неговата намена. Важно е да се напомене дека шаблоните се тука за да послужат како почетна точка и инспирација за вашата приказна. Со повторното кликнување на опцијата Blank story ќе ја добиете само почетната страница со работниот простор кој ви нуди многу, дури и во бесплатната верзија.

Кога ќе изберете било кој од овие шаблони или ќе одлучите да ја започнете вашата приказна од нула, ќе се отвори работен простор што е сличен на повеќето работни простори во алатките што веќе ги претставивме, а на оние кои помалку ги познаваат овие алатки ќе им личи на PowerPoint со поедноставени опции.
Креирање на приказна во Shorthand
Веднаш на врвот се наоѓа лента со алатки каде што се наоѓаат опциите undo и redo, поставките на самата приказна каде што можете да ги внесете метаподатоците како што се наслов, опис и авторите/ките како и некои дополнителни детали како на пример кодот за аналитиката на Google што ќе ви овозможи да го следите успехот на вашата приказна. Веднаш до таа опција се наоѓа копче со име Social каде што можете да направите дополнителни поставки за тоа како ќе биде прикажана статијата во објавите на социјалните мрежи (Facebook и Twitter) како и некои дополнителни поставки како прикажување на копчиња за овие социјални мрежи како и опција за споделување во мобилен формат на вашата мултимедијална приказна. Дополнителни две опции се CSS и JS кои се заклучени во бесплатната верзија, а ви овозможуваат колку што е можно подобро да го приспособите изгледот на вашата приказна на брендот на вашиот медиум. Тие ви овозможуваат вам или на некој од членовите на вашиот тим кои се занимаваат со дизајн, да ја направат вашата приказна уште поуникатна, но и со користењето на CSS да додадат некои елементи кои се единствени за вашиот медиум. Дополнително низ овие опции можете да додадете можност за прикажување на реклами, но и за создавање на приспособени видови на содржини како и теми. Во бесплатната верзија постои можност за избор само на две теми. Во продолжение на работната лента уште имате и можност за доделување на право на некој од членовите на тимот, да го споделите прегледот на самата приказна како и сами да видите како изгледа приказната. На крајот, се разбира, се наоѓа копчето за објавување на приказната.

Како да се објави приказна во Shorthand
Откако сте завршиле со создавањето на вашата нова приказна со која сте ставиле фокус на деталите на некоја фотографија или од серија на фотографии сте создале чувство на движење низ просторот или дури и сте го покажале патот на мапата низ улиците на некој град, доаѓате до моментот кога сакате да ја објавите вашата приказна.
Имајте во предвид дека приказната нема да можете да ја објавите сѐ додека не ја потврдите вашата адреса на електронската пошта. Ова потврдување на адресата може да биде мал предизвик за вас како што беше и за нас, но не е несовладливо. Причината за овој предизвик е тоа што кодот што Shorthand ќе ви го испрати на адресата на вашата електронска пошта истекува после определено време и доколку не сте ја потврдиле адресата веднаш по примањето на пораката, треба да барате повторно да ви се испрати порака и откако успешно ќе ја потврдите, ќе можете да продолжите со објавата на вашата приказна.
Со кликнување на копчето PUBLISH ќе добиете две опции за објавување. Првата е на поддоменот shorthandstories.com која ќе ви одговара доколку вие или вашиот медиум веќе немате сопствена веб страница. Процесот на објавување на приказната на овој начин е многу едноставен затоа што треба само да проверите дали поддоменот е достапен и да ги следите упатствата што се појавуваат на екранот. Втората опција е објавување на поддоменот на вашиот медиум. Во овој случај вие или вашиот веб администратор ќе треба да имате можност за подесување на поставките CNAME и DNS во интерфејсот на вашиот регистратор на домен (компанијата каде што сте го регистрирале доменот). Ова е малку покомплексен процес и во овој случај сепак ќе ви треба помош од вашиот веб администратор.
Со кликнување на стрелката до копчето PUBLISH добивате можност да креирате банер што можете да го објавите на вашата веб страница и на тој начин да ги поканите корисниците/чките да ја прочитаат вашата нова приказна.
Без оглед на некои напредни ограничувања и со оваа бесплатна верзија можете да направите многу за да ја приспособите вашата приказна. Она што не можете да го направите е да ги промените буквите (фонтовите) кои се ограничени само на два фонта, да ја додадете вашата премиум тема итн. Сепак, дури и во оваа бесплатна верзија ви се нудат многу можности за експериментирање за да проверите дали вреди да се вложат повеќе пари во овој производ со можност за брендирање на постоечките теми со вашето лого.
Цена и платени планови
Постојат два платени плана Pro и Premium. Pro планот ви нуди една брендирана тема која можете да ја приспособите на изгледот на вашиот медиум, пристап до развојните алатки (CSS, JS, API) и она што е најважно, можноста за вметнување на вашата приказна во објавата на вашата веб страница. Premium планот на сето ова ја додава можноста за објава на некој друг сервер, најавување со налозите на електронската пошта на вашиот медиум (таканаречено Single sign on или SSO) и премиум поддршка.
Цените не се јавно достапни и за да направите надградба морате директно да ги контактирате преку формулар. Сепак она што го знаеме е дека нудат значителни попусти за непрофитни организации како и за медиуми во зависност од нивната локација.
Иако е ова уште една алатка во низата која нуди слични можности, сметаме дека во нејзината бесплатна верзија дава многу повеќе од некои други алатки особено во контекст на брендирање на вашата содржина. Дополнително се понудени шаблони што се доволно интуитивни за да можете многу лесно да ја направите вашата прва мултимедијална приказна која е приспособена за гледање на мобилните и на таблет уредите како и на компјутерите, иако ова веќе одамна е стандард за сите вакви алатки. Една од предностите што ретко која друга ваква алатка ја нуди во бесплатната верзија е можноста за додавање на неограничен број на членови на тимот со кои заедно можете да ги развивате приказните. На крајот, сакаме да нагласиме дека, како и во случајот со претходно прикажаните алатки и оваа може да ѝ послужи не само на редакцијата туку и на маркетинг секторот, како и на другите деловни сектори во вашиот медиум. Ви препорачуваме сами да ја тестирате оваа алатка и со нетрпение очекуваме да ги слушнеме вашите мислења и да ги видиме вашите приказни што сте ги креирале со оваа алатка.