Google Meet нова стара апликација за видео конференции

18.05.2020. / 08:38

Користењето на апликациите за видео конференции во текот на пандемијата на КОВИД-19 нагло порасна. Имајќи го предвид фактот дека канцелариите се заменети со домашни уреди и дека рестриктивните мерки налагаа воздржување од физички контакт, повеќето деловни состаноци, но и организирањето на различни конференции, дискусии и видео интервјуа, е префрлено во онлајн сферата. Постојат различни апликации кои послужија состаноците да поминат во најдобар ред. Пред еден месец пишувавме за апликациите Microsoft Teams, Skype, Jitsi Meet и Zoom, и за фактот дека овие апликации станаа реалност на деловното комуницирање во текот на пандемијата.

Креаторите на овие апликации веројатно не ни сонувале дека во вака краток период нивното користење енормно ќе се зголеми. Така апликацијата Zoom, која во декември минатата година на дневна основа ја користеле околу 10 милиони лица, во април оваа година скокнала на 300 милиони корисници/чки дневно.

Увидувајќи ги потенцијалите и различните бенефити од развивањето на видеоконференциските апликации, Google влегува во трка со голема желба за колку што е можно подобро позиционирање.

Така Google објави дека неговата услуга за видеконференција Meet, порано позната како Hangouts Meet, сега е  бесплатна за сите кои сакаат да ја користат. Порано насочен кон деловно и образовно користење, Google Meet сега може да го користи било кој со Google налог и истиот ги поддржува состаноците во неограничено времетраење (барем до октомври, од кога ќе биде ограничено на 60 минути) за до 100 луѓе. Тоа е голем потег кој јасно е осмислен за да ѝ се спротивстави во најголем дел на популарноста на Zoom.

Google исто така бележи сопствен пораст на побарувачката за Meet, со повеќе од 100 милиони учесници/чки на дневни состаноци. Секако, ова не е уште ни блиску до бројката што ја има Zoom од 300 милиони, но дефинитивно се појавува како силна алтернатива на Zoom и другите апликации.

Што нуди Google Meet?

Meet е интегриран во Gmail, а можете да го пронајдете над четот. Како и сите споменати апликации, нуди различни можности  за колку што е можно подобро одвивање на видео конференции. 

Овозможува приказ на прозорецот за преглед на она што сите ќе го видат пред да одлучите да учествувате на состанокот. Една убава работа во врска со Google Meet е што лесно можете да го намалите квалитетот на своето видео ако имате проблем со интернет. WiFi-то не е секогаш сигурно и, на крај, видео сликата можеби и не е толку важна како што е аудио кога е во прашање буквално среќавање со луѓе со кои моментално не можете да воспоставите контакт во реалниот живот. Оваа опција дефинитивно може да ви ја олесни онаа напнатост кога лошата интернет конекција го кочи вашето излагање. Ако не употребувате веб камера од професионална класа, видео снимката секако ни нема да биде толку важна и во таа смисла подобро е да се сконцентрирате на добар звук. Затоа ова е одлична опција која дефинитивно ќе можете да ја искористите. 

Meet нуди и титлување на состаноците во живо. Досега тоа е испробано на англиското говорно подрачје и истото функционира. Бидејќи и кај нас голем број на состаноци се одржуваат на англиски, ова е уште една одлична опција која можете да ја испробате. 

Исто така, Meet овозможува брзо и едноставно споделување на екранот, а оваа опција е и корисна и интуитивна. Врз нејзе можете да кликнете во десниот долен агол и ви нуди три опции. Можете да го споделите целиот екран, но можеби не сакате вашите пријатели да видат сѐ што се случува, и можете да споделите само еден прозорец. Најинтересна опција тука е онаа која ви овозможува споделување на еден таб на Chrome и ништо повеќе. Google препорачува да го направите тоа ако планирате да споделувате, на пример, YouTube видео или било што друго во движење. На тој начин нема да морате да ги затворате останатите табови, за да споделите видео и ќе се заштитите од погледите врз сите отворени табови во вашиот пребарувач. 

Секако ќе биде интересно да се следат сите овие апликации во периодот кој е пред нас и да се види на кој начин ќе тече трката за колку што е можно повеќе корисници/чки. Може да се претпостави дека апликациите за видео конференции, без оглед на попуштањето на рестриктивните мерки и овозможување на собирање на групи, ќе продолжат да се развиваат, бидејќи токму оваа пандемија покажа дека голем број состаноци, дискусии и интервјуа можат да се одржуваат во онлајн сферата. Веројатно оваа практика ќе продолжи да се користи тогаш кога определени лица физички нема да можат да бидат присутни на конференциите или просто тоа ќе биде уште една можност за присуство на дискусии и други форми на групно работење.
 

Ocijenite kvalitet članka