Lumen5: Одлична апликација за видео претставување на вашиот текст

07.09.2020. / 13:09

Потребно е време за креирање на содржина за социјалните мрежи. А да се креира одлична содржина на социјалните мрежи зема уште повеќе време. Постојат многу начини како да се претстави вашата содржина на социјалните мрежи. Од креирање на инфографики, користење на гифови, фотографии, графикони, па сѐ до претставување на содржината преку видеото.

Верувам дека често се прашувате како сето тоа да го постигнете за еден текст и како да го приспособите за секоја социјална мрежа, а и понатаму да остане во доменот на професионалноста. Приспособување на форматот кон секоја социјална мрежа може да одземе време. На пример, ако сакате да креирате видео за Instagram, GIF за Twitter, инфографика за Facebook. Тоа е многу работа. За новинарите/ките да ги следат трендовите на претставувањето на содржината на социјалните мрежи, во последната деценија се креирани разни алатки кои можат да ја олеснат работата. Често ви претставуваме различни апликации кои можете да ги користите за да креирате содржина за медиумите. Без оглед дали зборуваме за вашата веб платформа или за социјалните мрежи. Сите претставени алатки можат да ви помогнат да ги унапредите своите вештини, но и да го сочувате драгоценото време. Во претходниот период пишувавме за многу апликации кои можат да бидат корисни за видеото, фотографијата и другите форми на претставување на содржината. Така зборувавме за мобилното новинарство и за креирање на видеа преку апликацијата LumaFusion или Headliner, Flourish за живи визуелизации, Canva за различни креативни форми на видеа, графики или слики, Gimp за обработка на фотографии и многу други.

Претворете го вашиот текст во ангажирано видео со Lumen5

Lumen5 е една многу интересна и едноставна алатка за користење во новинарството. Многу е слична со алатката Canva, и нуди голем број шаблони за креирање на содржина. Вашата содржина едноставно можете да ја приспособите кон било кој формат, а во оваа апликација добивате многу шаблони за дизајн, стилови, галерија со фотографии и видео снимки кои можете да ги вкомпонирате и користите преку креирање на вашето видео.
Важна карактеристика е дека со него можете да ја повлечете вашата содржина за определен текст, со користење на адресата на којашто се наоѓа текстот доколку е објавен или со ставање директно на целиот текст, a Lumen5 за вас ќе ја сложи приказната за форматот што сте го одбрале. Дури ќе ви предложи и фотографии, видео и музика преку кои оди вашиот текст.

Нѐ изненади можноста за автоматско подредување на текстот и креирање на видеото. Секако, откако автоматски ќе се подреди текстот, секој слајд одделно можете да го подобрите. Можете да додадете друга слика или видео, да го поместите текстот од еден агол во друг, да го смените фонтот, бојата или музиката.

Доколку сметате дека не ви е повлечен добар цитат од текстот, едноставно можете да го замените. А одлична работа е и тоа што внатре во апликацијата го имате целиот ваш текст, па не морате да одите одново на вашата страница за да земете определен дел од текстот.

За потребите на овој текст креиравме профил на оваа апликација, за да го тестираме автоматското креирање на видео преку две вести. Креирањето на профилот е бесплатно, но во таа верзија имате определени ограничувања како што е жигот на Lumen на крајот од видеото, и ограничен број видеа кои можете да ги креирате месечно. За да ја исклучите таа опција, ќе биде потребно да преминете на една од платените верзии.

Платените верзии се движат од 19 до 149$ месечно, зависно од тоа кој пакет ќе го одберете. Иако е поприлично скап за користење, нуди неверојатни можности кои дефинитивно можат да ја олеснат сеопфатната работа на новинарот/ката.

За пример на видео ги земавме денешните први вести на порталот на BBC, Koha.net, 360stepeni.mk и Vijesti.me. Ова се почетнички резултати без интервенции, веруваме дека ќе ве воодушеват. Додека Lumen5 одлично го скратува текстот и алгоритамски го извлекува она најзначајното забележавме дека единствено нешто што уште морате да го направите е должината на приказот која во оваа недоработена верзија понекогаш прекратко се задржува на екранот.

Откатко ќе го финализирате видеото за еден формат, едноставно можете истиот да го приспособите за други формати со кликнување врз опцијата Auto Resize, а оваа апликација ќе ви го приспособи текстот кон секој формат па нема да морате дополнително да ја поправате големината на фонтот или позицијата. Секако, доколку не ви се допаѓа препорачаниот дизајн, секогаш можете да го персонализирате и да му додадете ваш печат.

Се надеваме дека ќе ви се допадне оваа апликација, а ние секако дополнително ќе ја тестираме врз нашите текстови, а резултатите ќе можете да ги погледнете на нашите социјални мрежи.

Ocijenite kvalitet članka