Денес, интерактивните мапи станаа составен дел од новинарството, преку кои медиумите споделуваат вести и информации со нивната публика. Со употребата на интерактивните мапи, новинарите/ките можат да создадат интересна содржина која е полесна за разбирање. Интерактивните мапи можат да се користат за прикажување на контекстот на приказната, што може да ѝ помогне на публиката подобро да ја разбере веста. Покрај тоа, интерактивните мапи можат да се користат за прикажување на податоците на повизуелен и поинтересен начин. Интерактивните алатки за мапирање, како што се Datawrapper, Visme, Tilegrams, Flourish и многу други, станаа сѐ попопуларни во последните неколку години и нудат голем број на функции за новинарите/ките. Интерактивните мапи можат дополнително да ја заинтересираат вашата публика и да придонесат за поголем ангажман.
Денес зборуваме за уште една таква алатка која може да ви биде корисна при креирањето на интерактивни мапи.
Mapme алатка за изработка на мапи
Mapme е алатка за изработка на мапи, која е едноставна за користење а овозможува создавање на приспособени мапи кои ќе ви помогнат во визуелизацијата на вашите приказни. Со оваа алатка можете лесно да додадете ознаки и пинови на мапата, можете да нацртате точки од интерес, да создавате правци за движење и да ги истакнувате областите на интерес. Исто така, можете да ги приспособите вашите мапи на боите, ознаките и на дополнителните информации. Алатката е дизајнирана за да ја направи изработката на мапите едноставна и интуитивна, а и не бара искуство со кодирање или дизајн.
Можете едноставно да ги внесете бараните локации во мапите и да почнете да ги користите без никакво кодирање. Дизајнот на мапата е лесно приспособлив според вашите желби.
Mapme Story Maps ви овозможува да додавате наслови, описи на прегледите, вметнување на лого или слика за брендирање на вашата мапа и приспособување на URL-адресата. За секоја локација што ќе ја внесете можете да го вклучите нејзиното име, да го напишете описот, да ја приспособите нејзината ознака, да ги нацртате формите и линиите на мапата, да ги додадете линковите, како и да додадете медиумска содржина. Медиумската содржина е она што му овозможува на Mapme да се издвои од другите бесплатни извори, како што се Google My Maps. Не само што можете да прикачите слики, туку можете да споделувате аудио и интерактивни медиуми, како што се 3D, VR и прегледи од 360°.
Mapme нуди избор од 16 различни дизајни на мапи, како и три стилови на анимација за движење меѓу истакнатите локации. Локациите, исто така, можат да се организираат по категории и филтри.
Можете да пишувате содржина, да ги пренесувате медиумите, да додавате врски и едноставно да ги копирате и да ги лепите информациите. Покрај тоа, Mapme има секција "База на знаење" на нивната веб-страница со линкови до детални упатства за тоа како да се користи оваа алатка.
Корисноста на алатката Mapme во новинарството
Mapme нуди голем број на поволности за новинарите/ките. Алатката овозможува брзо и едноставно создавање на мапи без да биде потребно да се вложува време во кодирање или во дизајн. Тоа го олеснува фокусирањето на другите сегменти на приказната, како што е градењето на наративот и создавањето на привлечни визуелни елементи за илустрација на приказните. Mapme е достапен на веб и на мобилните платформи, така што новинарите/ките можат да ги креираат и да ги споделуваат нивните мапи каде и да се наоѓаат. Алатката овозможува едноставно споделување на мапите, што исто така ја вклучува и можноста за прегледување и за споделување на мапите со колегите/шките, уредниците/чките и читателите/ките.
Секако една од главните предности на Mapme алатката е тоа што е многу едноставна за користење и не е потребно искуство за кодирање или дизајн. Алатката нуди висококвалитетен дизајн и визуелни опции. Можноста за интегрирање не само на фотографии, туку и на видеозаписи кои се репродуцираат на мапата, како и VR создаваат поинтересни, поинтерактивни можности за публиката.
Податоците можат да се увезат од Excel или од KML датотека, што значи дека е можно да се увезат податоци од постоечка Google My Map.
Предност е секако и тоа што нудат попусти за непрофитните организации.
Сепак, некои од функциите на Mapme, како што е можноста за додавање на дополнителни информации на определени точки, се ограничени. Mapme нема широк опсег на можности за приспособување, така што креативноста на корисниците/чките може да биде ограничена. За разлика од нивните планови кои се плаќаат, бесплатната пробна верзија на Mapme не дозволува споделување преку линкот на мапата на приказните што ќе ги креирате. Но, дури и во бесплатната верзија можете да добиете код што можете да го вметнете директно во вашата веб-страница.
Mapme дефинитивно може да послужи како корисна алатка за новинарите/ките на кои им треба брзо и едноставно да изработат мапи за да ги збогатат нивните приказни.
Како да се користи оваа алатка
Пред да започнете да ја користите оваа алатка, ќе треба да креирате налог. Ова можете да го направите со користење на адреса за е-пошта и со креирање на лозинка и за само една минута веќе сте подготвени за креирање на супер интерактивни мапи.
Прво нешто што треба да направите е да кликнете за да креирате нова мапа, всушност тоа е единствената опција што ќе ви се појави на екранот.
Кога ќе кликнете на неа, ќе ви се отвори мапа и сите понудени опции преку кои можете да ги градите вашите податоци.
Ова се достапните опции, при што многу од нив не се во функција во бесплатната верзија:
Како што можете да видите на сликата погоре и во бесплатната верзија можете да го додадете вашето лого, наслов, опис на секоја локација. За секоја локација можете да додадете слика, аудио, видео, pdf документ или да ембедувате определени информации. Во бесплатната верзија достапни ви се два типа на мапи: мапа со улици и со природа (streets and nature).
Ние направивме едноставна мапа со две локации за да го видиме начинот на кој функционира процесот на изработка, па погледнете го резултатот. Нам ни требаа неколку минути за да ја направиме.
Сѐ на сѐ, иако бесплатната верзија е ограничена и понатаму може да се користи за да се презентираат определени информации преку интерактивна мапа.
Цени
Mapme нуди бесплатна пробна верзија за три планови, но тие доаѓаат со ограничени функции. Постојат четири планови што можете да ги купите.
Story планот чини 24 долари месечно за креирање на една мапа и 40 долари месечно за креирање на 10 мапи.
Цената на Pro планот се движи од 49 до 90 долари месечно, додека пак Pro+ планот чини од 99 до 180 долари, во зависност од една до 10 понудени приказни, со понапредни карактеристики во споредба со Story планот.
Mapme нуди специјални попусти за непрофитните и за образовните организации, како и пакети со повеќе мапи кои се дизајнирани за да бидат исплатливи, но ќе треба да ги контактирате за да креираат понуда за вас.