Matomo: Алтернатива на Google аналитиката што ја штити приватноста на посетителите

26.01.2022. / 14:33
Автор/ка
Share
Web analitika
Canva mashup
Web analitika

Австриската веб страница NetDoktor функционира на ист принцип како и милиони други страници во светот. Кога ќе ѝ пристапите, колачето (cookie) на Google аналитиката се презема на вашиот компјутер и следи што правите за време на вашата посета. Ова следење може да ги вклучува страниците што ги читате, колку долго се задржувате како и информации за уредот од кој пристапувате. На крајот, Google му доделува идентификациски број на вашиот интернет пребарувач за да можат податоците да се поврзат со податоците од други извори.

Ништо од ова не е невообичаено и иако Google аналитиката не е изворно усогласена со GDPR, со неколку приспособувања, се усогласува. Меѓутоа, она што се случува кога се работи за секоја страница што собира податоци на ваков начин е дека сите собрани лични податоци одат на сервери кои се наоѓаат во САД. Испраќањето на лични податоци преку Атлантикот е голем проблем за европските регулатори и NetDoktor сега се најде во средина на битката помеѓу американските закони и силните европски регулативи за заштита на личните податоци. Пред крајот на минатата 2021 година австрискиот регулатор за податоци Datenschutzbehörde утврди дека NetDoktor со употребата на Google аналитиката ги прекршил одредбите од Општата уредба за заштита на податоците (GDPR). Овој регулатор во својата одлука рекол дека податоците кои се испраќаат на серверите не се доволно заштитени од потенцијалниот пристап на разузнавачките служби на САД. Неколку дена пред оваа одлука Европскиот супервизор за заштита на податоците EDPS донесе слична одлука во случајот со страницата на Европскиот парламент за тестирање за COVID-19.

Ова се првите два случаи, откако во јули 2020 година со судска одлука е поништен договорот за принципите за размена на податоци меѓу САД и ЕУ, Privacy Shield. Додека одлуката во случајот на NetDoktor се однесува само на Австрија, многу е веројатно дека сродните агенции во другите европски земји ќе донесат слични одлуки. Со оглед на тоа дека сите држави на Балканот тежнеат кон тоа да ги усогласат своите закони за заштита на личните податоци со европската регулатива, реално е да се очекува дека ваквите одлуки ќе имаат и последици на нашиот простор.

Од друга страна, без оглед на тоа како таквите одлуки ќе влијаат на законската регулатива во државите на Балканот, секој медиум кој се грижи за публиката и за нивната корисничка заедница треба да донесе одлука под кои услови и како ќе ги собира аналитичките податоци за користењето на нивните веб страници. Приватноста им стана важна на повеќето корисници и поради својата неусогласеност со GDPR, Google аналитиката не може веќе да собира целосни податоци за нашата публика. Затоа можеби е време да почнеме да размислуваме за алтернатива, особено ако сакаме да гледаат на нас како на медиум кој ги чува податоците за членовите на нашата заедница.

Многу алтернативи се усогласени со GDPR регулативата, но исто така чинат многу пари кои повеќето медиуми ги немаат. Поради тоа ќе ви предложиме само една која не само што е бесплатна и отворена туку и ви овозможува и увоз на историски податоци од Google аналитиката. Меѓутоа важно е да се нагласи дека оваа алтернатива не доаѓа целосно без трошоци.

 

Matomo

Izvor: Matomo.org
Matomo.org

Matomo е софтвер за веб аналитика со отворен код кој во 2007 година кога е покренат беше познат под името Piwik и PHPMyVisites. Освен што доаѓа со GPL лиценца, тој ја става приватноста на вашите корисници на прво место и ги штити од рекламните компании. Според нивното тврдење, моментално го користат 1,4 милиони веб страници и апликации во преку 90 земји во светот.

Веб аналитиката што ја нуди Matomo е понапредна од Google аналитиката и за разлика од неа Matomo не врши земање на примероци од податоците, така да сѐ што гледате е целосната слика од посетата на вашето мрежно место. Доволно е да се каже дека Matomo работи подеднакво добро како и Google аналитиката, но со таа разлика што е самостојна програма што ја штити приватноста на вашите корисници.

Matomo доаѓа во две варијанти – самостојна (на вашиот сервер) и во облак. Иако самостојната варијанта во нејзината оригинална форма е бесплатна, нејзиното поставување на вашата серверска инфраструктура и одржувањето сепак бара техничко знаење и затоа ќе мора да му платите на некого за сѐ да ви инсталира и да ви оддржува наместо самиот софтвер. Исто така некои напредни функции во форма на додатоци кои ги нуди Matomo не се достапни бесплатно и се плаќаат на годишна основа.

Од друга страна верзијата во облакот се плаќа во зависност од бројот на посети што ги има вашата страница и за помалите медиуми кои имаат до 1 милион посети месечно во просек би чинела 160 евра. Важно е да се нагласи дека со облакот ги добивате сите напредни опции бесплатно, но задржувањето на необработените податоци во споредба со самостојната верзија е ограничена на 24 месеци. Подетални податоци за цените можете да најдете на нивната страница.

Каков е Matomo во споредба со Google аналитиката

Она што Google аналитиката ја прави привлечна во споредба со Matomo е лесната инсталација. Google аналитиката во основа исто така е навидум бесплатен сервис што не бара премногу техничко знаење за инсталирање и за управување. Велиме навидум затоа што вие во суштина плаќате за пристапот до податоците што ги споделувате со Google, кој пак ги користи за други цели за да оствари профит. Од друга страна Matomo, како што веќе наведовме, за самостојната верзија бара техничко знаење и понекогаш е потешко да се инсталира на определени веб сервери.

Matomo ги штити податоците на вашите посетители/ки и ги анализира сите посетители за разлика од Google аналитиката која го прави тоа врз база на примерок. Доколку можете финансиски да си дозволите можете да користите и некои напредни опции кои ги нуди Matomo. Matomo во облакот ги чува податоците за вашите корисници/чки на серверите во рамките на ЕУ. Она што е најважно е дека Matomo е усогласен со GDPR и поради тоа корисниците/чките на вашата веб страница не мораат да пополнуваат формулар за согласност за споделување на податоците секој пат пред да почнат да ја користат вашата страница. Matomo исто така нуди можност за пренос на податоци од Google аналитиката што значи дека нема да ги изгубите вашите историски податоци.

Фактот дека Matomo не е за секого и покрај одлуките на регулаторите за заштита на личните податоци во ЕУ, малку е веројатно дека сите медиуми одеднаш ќе престанат да ја користат Google аналитиката особено поради дополнителните услуги како што е Google Ads. Сепак, доколку сте медиум што е посветен на заштитата на личните податоци на своите корисници/чки и имате техничка експертиза за управување со вакво решение, Matomo е подеднакво моќна алтернатива на Google аналитиката. За малку повеќе пари ја добивате таа поддршка во облакот што ја прави полесна за имплементација. Исто така Matomo има развиена заедница која е секогаш подготвена да обезбеди поддршка.

Ocijenite kvalitet članka