Неколку алатки за проверка на deepfake содржини

04.04.2024. / 09:16

Да се сомневате во она што сте го прочитале и не е некој проблем. Но, да се посомневате во она што ќе го видите денес преку видео содржините може да биде од суштинска важност. Особено ако сте новинар/ка.

Токму овој постојан сомнеж може да ви гарантира дека информациите што ќе ги споделите преку вашиот медиум ќе бидат навистина вистинити и точни.

Сѐ поголемото присуство на содржини што се генерирани од вештачката интелигенција, особено на видео содржини, го отежнува доаѓањето до вистината и креира лавина од дезинформации.

Како да ги разликувате фактите од фикцијата?

Денес новинарите/ките и медиумите треба да вложат дополнителни напори за да бидат што е можно поедуцирани за да се фатат во костец со ваквите појави.

Бројот на факт-чекери/ки ширум светот двојно се зголеми во периодот од 2016 до 2022 година, со речиси 400 тимови на новинари/ки и истражувачи/ки кои се занимаваат со политички лаги, измами и други форми на дезинформации во 105 земји. Оваа бројка е значително зголемена во минатите две години, особено со појавата на Chat-GPT и другите алатки на генеративната вештачка интелигенција (GenAI) кои произведуваат различни содржини, особено видео и аудио манипулации.

Креаторите на deepfake видеозаписите се обидуваат негативно да влијаат на јавното мислење со користење на значајни настани, како што се изборите како и различни кризи, за да ги измамат и да ги изманипулираат луѓето.

Еден таков пример е фотографијата од експлозијата во Пентагон во САД која стана вирална во мај минатата година.

За време на минатогодишните општи избори во Нигерија, манипулирани аудио снимки во кои се тврди дека претседателскиот кандидат Atiku Abubakar, неговиот потпретседателски кандидат д-р. Ifeanyi Okowa и гувернерот на градот Сокото, Aminu Tambuwal, планираат да манипулираат со гласањето, се проширија на интернет.

Deepfake содржината предизвикува голема загриженост и поставува голем број на предизвици пред медиумите, бидејќи колку повеќе креаторите на deepfake содржини ќе успеат да пласираат содржина вирално, медиумите се во поголеми проблеми и можат многу лесно да го изгубат кредибилитетот доколку не пронајдат начин како да се борат против ваквата содржина, односно да научат како да ја проверат.

Колку што вештачката интелигенција доведе до ширење на deepfake содржините, таа исто така може да биде и решение во борбата против deepfake-от.

Во продолжение наведуваме некои од алатките за вештачка интелигенција кои можат да ви бидат корисни при проверувањето на содржините.

TensorFlow и PyTorch

Овие две алатки користат длабоки невронски мрежи за откривање на deepfake видеозаписи. TensorFlow и PyTorch можат да се користат за анализа на фотографии, видеозаписи и аудио сигнали поради откривање на знаци на манипулација. Корисниците треба едноставно да вчитаат примери на вистински и на лажни медиуми за да го обучат моделот за откривање да може да прави разлика меѓу овие два.

TensorFlow и Pytorch имаат нивни туторијали кои ви објаснуваат како од нула да се стане херој во борбата против deepfake содржината.

Иако на почеток и двете алатки можат да изгледаат комплицирани, ако ги следите јасните упатства и ако одвоите време за да го совладате нивното користење, можете да добиете огромна корист со тоа што нема да ви се случи да пренесете видео или аудио содржина која е креирана со deepfake технологија.

И она што е добро е дека и двете алатки се бесплатни за користење.

Deepware

Deepware е технологија со отворен код која првенствено е посветена на откривање на видеозаписи кои се генерирани со вештачка интелигенција. На веб-страницата има скенер на кој можат да се вчитаат видеозаписи за да се открие дали тие биле синтетички манипулирани.

Како и повеќето детектори за deepfake видеозаписи, моделите на софтвер на Deepware бараат знаци на манипулација на човечкото лице. Главното ограничување на алатката е неможноста да се препознаат техниките за замена на гласовите, што е многу поголема опасност од замената на лицата. Како што наведува уредникот на TheCable, Mayowa Tijani, „Резултатот не е секогаш 100% точен. Понекогаш тоа е погодок или промашување, во зависност од тоа колку добро е направена лагата, на кој јазик е таа и уште неколку фактори". Сепак, тој може да биде корисен и не треба да се отфрли туку и тој да се користи за проверка.

Sensity

Sensity првично беше креирана за откривање на фотографии кои се генерирани со вештачка интелигенција, но со текот на времето еволуираше во една од водечките алатки за откривање на deepfake видеозаписи и препознавање на фотографии кои се генерирани со вештачка интелигенција. Неговите напредни модели за машинско учење може да се користат за анализа на визуелни и контекстуални знаци за да се идентификуваат сликите што се генерирани со вештачка интелигенција.

Оваа алатка не е бесплатна, а цените се приспособени врз основа на месечната употреба и на индивидуалните области на интерес.

Таа бесплатно нуди 5 Deepfakes анализи и неограничено пребарување и предупредувања, а за 29 долари месечно нуди 50 Deepfakes анализи, целосен пристап до интелигенцијата, неограничено пребарување и предупредувања како и 20 барања за отстранување на содржини.

Приспособената платена верзија, која вклучува неограничени Deepfakes анализи, API за откривање, целосен пристап до интелигенцијата, неограничено пребарување и предупредувања како и истраги и отстранување, ќе чини во зависност од вашите потреби.

Hive

Со помош на Hive независните факт-чекери/ки и интернет корисници/чки можат брзо да ги скенираат дигиталните текстови и фотографии за да ја проверат нивната автентичност. За проверка на фотографија, корисниците/чките ја вчитуваат датотеката на страницата за откривање на содржина што е генерирана со вештачка интелигенција за таа да биде брзо обработена.

Постои и екстензија (addon) за Chrome и Microsoft Edge Hive AI детектор кој може да се инсталира и кој им овозможува на корисниците/чките бесплатно да откријат текст и фотографии што се генерирани со вештачка интелигенција од пребарувачот без да ја напуштат страницата каде што се наоѓа предметната содржина. Неа можете да ја преземете преку Google play.

Illuminarty

Illuminarty исто така нуди можност за откривање на фотографии и текстови што се генерирани со вештачка интелигенција. Бесплатната верзија вклучува основни услуги, додека премиум плановите на алатката нудат повеќе функции, а цената се движи од 10 долари па нагоре, во зависност од тоа за кој пакет зборуваме.

Со помош на оваа алатка, корисниците/чките можат да идентификуваат каде се наоѓа манипулацијата на лажната фотографија и од кои модели на вештачка интелигенција е таа генерирана. Исто така, може да ја процени и веројатноста дека сликата е создадена со помош на вештачка интелигенција.

Вештини и знаења како да се користат алатките

Сите овие алатки можат да им помогнат на медиумите и на новинарите/ките да ја идентификуваат лажната содржина и да се борат против deepfake фотографиите, аудио и видеозаписите, но тие не се секогаш 100% точни. Секогаш постои ризик од лажни позитивни или негативни резултати, каде што легитимната содржина може да биде погрешно означена како deepfake видеозапис или обратно.

Она што е неопходно е новинарите/ките, но и медиумите, да пронајдат простор за да ги подобрат нивните вештини за користење на овие алатки, за да можат воопшто да ги покриваат темите кои се од јавно значење, како што се избори, војни и слично, а да не паднат во стапицата на споделување на содржина која не е вистинита. Дополнително овие алатки треба да послужат како основа за развој на интерните процедури за проверка на содржината и донесување на одлуки во рамките на редакцијата дали содржината е доволно доверлива за објавување или таа воопшто не треба да се објави.

Иако проверката на фактите може да изгледа како да го забавува процесот на објава на вестите, таа станува неопходен фактор во денешното новинарство, која не е резервирана само за истражувачките новинари/ки или за специјализираните медиуми кои се занимаваат со проверка на фактите, туку се составен дел од работата на секој/а новинар/ка. Затоа во овој процес ваквите алатки можат многу да помогнат и да го олеснат проверувањето на фактите, што секако може да доведе до зголемување на довербата во медиумот кој го прави тоа.

Оценете го квалитетот на статијата