Визуелната комуникација е практика на користење на визуелни елементи за пренесување на пораката, таа поттикнува промени или предизвикува емоции. Преку дизајнот се создава порака која мотивира и ангажира, а со користење на графички елементи самиот дизајн ги пренесува пораките на јасен и привлечен начин.
Ефикасната визуелна комуникација треба да биде еднакво привлечна, како што треба да биде и информативна.
Визуелната комуникација е всушност избирање на вистинските соодветни елементи (обично текст, икони, форми, слики и визуелизација на податоците) за да се создаде значење за вашата публика.
За новинарите/ките да можат да ја користат визуелната комуникација во презентирањето на информациите, ќе им бидат потребни дополнителни знаења за креирање на визуелна содржина. За среќа денес постојат голем број на дигитални алатки, кои се создадени за многу едноставно користење и кои на секој/а новинар/ка ќе му/ѝ го олеснат овој процес. Често пишуваме за различни алатки кои служат за визуелно да се презентираат информациите или податоците на што поедноставен начин.
Piktochart за визуелно презентирање на информациите
Piktochart е апликација базирана на облак која им овозможува на корисниците/чките едноставна изработка на различни визуелни слики. Корисниците/чките можат да вградат интерактивни мапи, графикони, видеозаписи и хиперврски во инфографиката на Piktochart.
Оваа онлајн алатка е моќна, но едноставна за користење, која на секого му овозможува создавање на инфографики и други видови на дизајн, од извештаи и слајдови до постери и флаери.
Алатката е направена за дигитална работа, но може да се користи и за печатење затоа што е наменета за професионална употреба. Ова значи дека е со висок квалитет и е богата со функции и затоа добро функционира за печатење.
Piktochart е дел од растечката понуда на дигитални алатки кои дури и на оние со вештини за графички дизајн им овозможува создавање на визуелно впечатливи инфографики. Има навистина едноставни контроли и функции кои се разбирливи за секој тип на публика.
Piktochart може да биде многу корисен за новинарите/ките во процесот на визуелна комуникација со публиката. Бидејќи е доста едноставен за користење, нуди начин за брзо работење претворајќи ги информациите во интересна содржина.
Од флаери и постери до графикони и приказни, алатката има огромен опсег на функционални опции што можете да ги изберете, а со оглед на тоа дека е онлајн, постојано се надградува и се подобрува.
Како функционира Piktochart?
Изработката на било која визуелна слика можете да ја започнете со некој од шаблоните. Оваа алатка е многу богата со однапред подготвени креативни решенија во кои ќе треба само да го вметнете вашиот текст. Можете да менувате и да вметнувате различни медиуми дури и во подготвените шаблони. Можете да додавате различни икони, слики и фонтови.
Готовиот производ може да се извезе како PNG или PDF датотека или како PowerPoint доколку ја користите платената верзија.
Како и повеќето слични алатки, можете однапред да го изберете форматот во кој ќе ги работите вашите визуелни слики – од формати за социјални мрежи, за флаери, за презентации и слично.
Piktochart има некои одлични функции, лесно достапни за двете верзии, и за бесплатната и за платената (Про верзија). Една функција што работи на двете е можноста за директно споделување на проектот на социјалните мрежи.
Постои можност за тимско уредување, па ќе биде одлично за работа во група.
Туторијалите се достапни како и кај повеќето слични алатки, па сѐ она што ве интересира ќе можете да го погледнете како се работи и многу едноставно да усвоите нови вештини. Притоа можете да се инспирирате од нивната многу богата галерија на различни креативни решенија.
Piktochart активно се користи и во образовните кругови, па со негова помош можат да се креираат неверојатни наставни планови и програми.
Многу едноставно ќе се најавите на Piktochart. Треба да отидете на piktochart.com и во десниот горен агол да кликнете на Sign Up. После тоа ќе ви биде понудена опција да се најавите преку вашиот Gmail или Facebook налог. И веќе сте во Piktochart и подготвени сте да градите креативни визуелни решенија.
Разликите помеѓу Piktochart и Canva
Генерално гледано, Canva има повеќе функции, интеграции, видови на содржини, однапред дизајнирани шаблони со професионален изглед (420 000+). Од друга страна, ако барате едноставна алатка особено за изработка на инфографики, презентации или извештаи, Piktochart е вистинска опција за вас. Неговата компактна функција на карти и мапи ви овозможува да ги преведете вашите сложени податоци во визуелна приказна. Можете дури и да ги увезете вашите Excel податоци од вашиот компјутер, што не е случај со Canva.
Canva за разлика од Piktochart има апликација за мобилна употреба (која не е многу user friendly), додека Piktochart ја нема. Што се однесува до цената, Canva е малку поефтина во споредба со Piktochart, а дури и Премиум планот не е толку скап и чини 12,99 УСД. Исто така, бесплатната верзија е повеќе ограничена кај Piktochart. Сѐ на сѐ, и двете имаат свои предности и недостатоци, но и двете можат да бидат многу корисни за визуелно презентирање на медиумската содржина.
Колку чини
Piktochart нуди цени за професионална употреба и за тимска употреба, меѓутоа, постои и стандардно ниво кое нуди бесплатна сметка.
Бесплатно ви дава до пет активни проекти, 100 GB простор за складирање за пренос на слики, неограничени шаблони, илустрации и икони, неограничени мапи и графики, плус можност за преземање како PNG.
Про верзијата чини 14 УСД месечно по член/ка и ќе добиете 100 GB простор за складирање за пренос на слики, отстранување на водениот жиг, неограничена визуелна содржина, извоз во PDF или во PowerPoint, заштита со лозинка, сопствени шеми на бои и фонтови, плус визуелни слики организирани во датотеки.
Тим верзијата е приспособлива на потребите на тимот, па од тоа зависи и цената на услугата.
Доколку сте непрофитна организација, како што се повеќето помали медиуми, оваа алатка нуди намалени цени за Про верзијата, па наместо 168 УСД годишно за еден член, цената ќе биде 39,99 УСД годишно за еден член/ка.
Во продолжение погледнете го интерфејсот на Piktochart алатката и кои се сите тие функции што постојат и кои можете да ги користите за да направите одлични, креативни и привлечни визуелни слики.