PODBUDDY : IOS АПЛИКАЦИЈА ЗА ПРОМОЦИЈА НА ПОДКАСТИ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ

04.08.2022. / 15:09
Автор/ка
Share
PoddBuddy
Canva mashup
PoddBuddy

Подкастот е како формат во пораст и на просторот на Балканот, иако овој формат често се меша со видео форматот. Еден проблем кој сѐ уште е присутен во целиот свет е промоцијата на подкастите на социјалните мрежи, што делумно е причина за мултикастингот што го практикуваат повеќето подкастери. Веќе обработувавме неколку алатки како на пример AudioBites и три дополнителни алатки. Неодамна се појави уште една алатка која е наменета само за корисниците на iPhone а се вика PodBuddy.

Основни карактеристики

PodBuddy, кој го креираше Fadel.io, е едноставна алатка која откако ќе ја инсталирате ви нуди четири едноставни можности за избор на формати за визуелизација кои им одговараат на повеќето социјални мрежи или дури и на блог објавите. Алатката не се обидува да има дополнителни опции, туку само се обидува на едноставен начин да им овозможи на подкастерите да се промовираат на социјалните мрежи. Две опции за креирање се бесплатни во основната верзија (story и post), додека две се резервирани за про корисниците/чките (landscape и square). 

Дополнителниот прозорец што го гледате во линиската лента на дното се вика My Projects и служи за да ги погледнете сите ваши проекти што сте ги направиле досега и евентуално да им се вратите подоцна за да ги поправите или да дуплирате слична објава за нова подкаст епизода.

Како да го користите PodBuddy

Откако ќе ја инсталирате апликацијата, како што веќе споменавме, првиот прозорец што ќе го видите има четири опции за формати кои се соодветни за социјалните медиуми. За тестирање ќе ја користиме првата опција Story. Откако ќе го изберете форматот, ќе се појави празно платно, а под него ќе се појави порака да изберете аудио исечок со увоз на епизода од подкаст извор или со директен увоз на клип од телефонот. Доколку изберете увоз на епизода од подкаст извор, ќе се отвори нов прозорец во кој ќе треба да го најдете вашиот подкаст. За потребите на тестирањето го избравме Fusing Futures на Beogradska otvorena škola, кои беа едни од победниците на USAID BMAP Media Innovation Lab во 2019 година. 

Откако ќе изберете епизода, ќе се отвори нов прозорец во кој имате можност да изберете исечок од епизодата. Иако теоретски можете да ја изберете целата епизода за прикажување, ви препорачуваме да изберете исечок што нема да трае подолго од 14 секунди кога станува збор за приказна. 

Кога ќе го изберете исечокот, притиснете на копчето done, после што ќе добиете визуелен преглед во story формат кој ќе ја постави насловната страница на вашиот подкаст на врвот со соодветна боја на позадината, со аудиограм и со името на самата епоизода. Секој од овие елементи може дополнително да се уредува:

  • Со зголемување или намалување на насловната страница или со замена со некоја друга слика
  • Со менување на бојата и на формата на аудиограмот, 
  • Со менување на начинот на прикажување на насловот со ограничен број на фонтови (во бесплатната верзија 4)
  • Со додавање на елементи на нов текст, аудиограм, лента за напредок или на некоја друга слика

Откако ќе наместите сѐ како што вас ви одговара, можете да го погледнете предпрегледот со кликање на иконата со око која се наоѓа во горната средина на екранот. Ова ви овозможува да поправите некои елементи пред да кликнете на копчето export, кое е препознатливо за корисниците/чките на iOS, а се наоѓа во горниот десен агол. 

Кога ќе кликнете на копчето за извоз, ќе ви бидат понудени три опции: 

  • Директна објава на Instagram, 
  • Складирање во апликацијата Photos
  • И опција за Повеќе која ви дава  опции да го проследите видеото на некого од вашата  контакт листа, да го зачувате и слично. 

Она што е важно да се истакне е дека кога ќе направите извоз на видеото во бесплатната верзија, ќе добиете мала белешка на дното на која пишува „made with Podbuddy App“. Овој воден жиг може да се отстрани доколку се претплатите или ја купите целосната верзија на апликацијата.

PodBuddy Steps

Цена

Креаторите на оваа апликација понудија многу опции за да ја тестирате оваа апликација без плаќање и да продолжите така да ја користите доколку ви одговара на секоја објава да го имате водениот жиг. Меѓутоа, доколку сакате да имате пристап до сите четири понудени формати и отстранување на водениот жиг од финалниот производ, тие ви нудат неколку опции за претплата кои се поделени во три категории:

  • Месечна за 5,49 евра
  • Годишна (12 месеци) со попуст во моментов од 60% за 25,99 евра 
  • Доживотна претплата за 29,99 евра, која веројатно е и најповолна, но со себе носи ризик од давање на пари за апликација која можеби во иднина нема да ја користите. 

Сите три опции на претплата ги нудат истите можности:

  • Отстранување на водениот жиг
  • Неограничени извози во HD видео формат (што е важно за подкастите со многу месечни епизоди)
  • Отклучување на сите формати за објави
  • Отклучување на целиот сет на фонтови

Како дополнителна придобивка од купувањето, производителот нуди право на фалење дека го поддржувате независниот развој на софтверот, но исто така нагласува дека претплатата можете да ја откажете во било кој момент, што може да биде контрапродуктивно за последната доживотна опција. 

Она што е важно да се истакне е дека креаторот на оваа едноставна апликација, постави објава на Reddit , во која понуди Про верзии за секого што ќе остави коментар под објавата. Обидете се и на овој начин да добиете пристап до доживотна лиценца за овој софтвер.

Иако е штета што толку едноставна програма за користење е достапна само за iPhone телефоните, она што ја прави интересна е едноставниот интерфејс како и специфичната намена без никакви дополнителни непотребни опции, а токму поради тоа може да го користи секој без поголема потреба од учење. 
Напишете ни ги вашите искуства од користењето на нашиот е-маил или на било кој канал за мрежна комуникација каде што сме присутни. 
 

Ocijenite kvalitet članka