Trint е автоматизирана алатка за транскрипција која брзо и прецизно ги транскрибира аудио или видеозаписите во текст. Неа ја придвижува вештачка интелигенција и технологија за препознавање на говор за да се креира прилично прецизна транскрипција за многу кратко време. Trint исто така поддржува повеќејазична транскрипција, што ви овозможува да работите со јазиците кои не се англиски.
Алатката нуди и уредување и чистење на аудиозаписот, како и интеграција со популарните апликации како што се Dropbox, Google Drive и YouTube од каде што можете да ги повлекувате вашите датотеки. Ова може да биде одлично решение за новинари/ки, подкастери/ки и за сите оние кои сакаат да заштедат време во процесот на транскрипција.
Според информацијата на нивната страница, оваа алатка ја користат медиумите ширум светот како што се The Washington Post, The New York Times, Vice и Der Spiegel.
Ваквите видови на алатки за конвертирање на говорот во текст можат да го револуционизираат процесот на новинарството така што ќе ја олеснат и ќе ја забрзаат транскрипцијата на интервјуата.
Trint може да се користи за брзо претворање на аудио и видеозаписите во текст и на тој начин може да им понуди на новинарите/ките повеќе време да се сосредоточат на другите делови од нивната работа. Точноста на транскрипцијата која ја придвижува AI алатката е неспоредлива и им овозможува на корисниците/чките едноставно пребарување на снимките за определени фрази или зборови, што го олеснува пронаоѓањето на релевантни цитати и извори. Освен тоа, алатката може автоматски да генерира транскрипции со временски ознаки за видео снимките, што го олеснува пронаоѓањето и цитирањето на релевантните извори.
Како се користи оваа алатка?
Алатката е едноставна за употреба, бидејќи од корисникот/чката само бара да ја додадат нивната датотека и да ги изберат јазикот и поставките на нивната транскрипција. Исто така има и вграден видео уредувач кој на корисниците/чките им овозможува сечење на исечоци и комбинирање на исечоци од различни извори. Напредната технологија на Trint за конвертирање на говор во текст користи алгоритми што ги придвижува вештачка интелигенција за откривање на гласот на секој говорник/чка на таков начин што автоматски го префрла во нов пасус, за автоматско генерирање на титлови од аудио датотеките и за спроведување на проверки за обезбедување на квалитет.
Алатката им овозможува на новинарите/ките едноставна соработка со останатите членови/ки на нивниот тим, дозволувајќи им споделување, коментирање и уредување на транскрипциите во реално време.
Пред да започнете да ја користите оваа алатка, ќе треба да се најавите преку вашата адреса за е-пошта. За неколку минути веќе ќе бидете внатре во алатката и ќе можете да започнете со работа.
За да ја додадете вашата аудио или видео снимка што сакате да ја транскрибирате, кликнете на Upload и додадете ја датотеката од вашиот уред или од сместувачкиот простор во облакот.
Откако ќе се аплоудира, ќе ви се отвори прозорец во кој треба да го изберете јазикот на кој се зборува во аудио или видео снимката. Моментално единствено е достапен хрватскиот јазик од јазиците што се зборуваат во Западен Балкан.
Откако ќе го изберете јазикот, кликнете на Transcribing и почекајте неколку минути за да се транскрибира вашата снимка. Кога процесот ќе заврши, преку е-поштата ќе добиете известување дека вашата снимка е подготвена.
Кога ќе кликнете на линкот што ќе го добиете во е-поштата или директно на снимката во интерфејсот, ќе се отвори нов прозорец каде што е достапна трнаскрипцијата на вашата снимка, вашата аудио или видео снимка за да можете да ја споредите точноста како и голем број на функции што можете да ги користите.
Кога вашата снимка е транскрибирана, можете рачно да го поправите и да го усовршите вашиот текст доколку транскрипцијата не е добра. Исто така можете и да го преведете на некој друг јазик, а во понудата, меѓу другото, има и превод на Албански, Босански и Српски јазик.
Исто така, транскрибираниот текст можете да го префрлите во титлови со автоматска минутажа.
Откако ќе го приспособите транскрибираниот текст или титловите, кликнете на Export за да ја снимите вашата датотека.
Текстот можете да го снимите во различни формати, како на пример во Word документ или во CSV формат. Титловите можете да ги снимите во .srt, .vtt, .txt и .stl форматите, додека за видеозаписите можете да ги изберете mp4, edl, xml и txt форматите. Оваа флексибилност на алатката на Trint за конвертирање на говор во текст, ја прави извонредна алатка за новинарите/ките кои треба брзо и точно да направат транскрипција на аудио и на видео датотеките.
Сè на сè, ова изгледа како корисна алатка која може да помогне во работните задачи кои најчесто на новинарот/ката му/ѝ одземаат многу време. Недостаток е тоа што сè уште ги нема сите јазици од нашето говорно подрачје, но со оглед на тоа како сите алатки денес брзо напредуваат, веруваме дека и оваа алатка наскоро ќе може да ги понуди и другите јазици.
Цени
Trint нуди флексибилни планови за претплата за поединци/ки и за тимови. Starter пакетот чини 48 долари месечно и наменет е за поединци/ки и за тимови на кои им е потребна транскрипција на најмногу седум снимки месечно. Advanced пакетот чини 60 долари и нуди неограничена транскрипција. Enterprise планот нуди приспособени цени и им овозможува на корисниците/чките да искористат голем број на напредни функции. Освен тоа, Trint нуди бесплатен пробен период за да ги испробате функциите на алатката пред да се одлучите за планот на претплата. Бесплатната, пробна верзија трае шест дена и можете да направите три транскрипции. Со бесплатниот план, корисниците/чките можат да пристапат до основните функции со ограничување до 5 часа за аудио транскрипција. Сите пакети нудат можност за споделување со тимот, па да речеме дека со Advanced пакетот можете да имате тим со најмногу 15 лица, што е сосема доволно за потребите на редакцијата, а на новинарите/ките ќе им заштеди доста време за препишување на изјавите од аудио или од видео снимките.