Видео и аудио снимките беа и останаа составен дел на новинарството. Без разлика дали зборуваме за подготвителни аудио снимки од кои новинарите/ките ќе креираат текстуални статии или пак зборуваме за снимање на видео прилози или на аудио подкасти. Една работа е клучна за сите овие формати – тоа е дека ќе биде потребно аудио или видео говорот да се конвертира во текст.
Овој процес може да биде макотрпен и бавен кога тој се прави рачно, па затоа во овој процес од голема помош ќе бидат многуте алатки што постојат денес а кои користат вештачка интелигенција за автоматска транскрипција или титлување на вашите аудио или видео изјави.
Денес, титлувањето на видеозаписите стана неопходно, бидејќи многу корисници/чки, особено оние на социјалните мрежи, не слушаат аудио, туку го гледаат видеозаписот и ги читаат титловите. Титлувањето е исто така важно и поради поинклузивната медиумска содржина.
Некои алатки кои веќе ги презентиравме, како на пример Veed.io и Kapwing, кои покрај тоа што првенствено се онлајн апликации за видео монтажа, тие имаат исклучително развиен систем за автоматско креирање на титлови и на транскрипти. Денес ви презентираме краток преглед на пет дополнителни автоматски генератори на говор во текст (speech to text) со кои ќе си го олесните овој дел од работата.
EasySub
EasySub е едноставен и практичен интелигентен автоматски генератор на титлови. Има повеќе од 95% прецизност на транскрипцијата и бесплатен превод на повеќејазични титлови. Во исто време поддржува едноставно уредување на видеозаписите, преземање на датотеки со титлови во повеќе формати и извоз на видеозаписи, што може совршено да им служи на креаторите на видеозаписи.
EasySub исто така нуди едноставно онлајн уредување на видеозаписите, вклучувајќи бесплатни видео исечоци, додавање на водени жигови, менување на бојата на позадината, резолуцијата, извоз и преземање на видеозаписите.
Поддржува транскрипција и превод на повеќе од 150 јазици, вклучувајќи албански, босански, црногорски, хрватски, македонски и српски јазик.
Можете да ги испробате неговите опции бесплатно за 30-минутен видеозапис.
Flixier
Онлајн автоматскиот генератор на титлови на Flixier ви овозможува да ги направите вашите видеозаписи попривлечни, да го зголемите досегот и да ги направите видеозаписите пребарувани. Не треба да преземате никаков софтвер бидејќи сѐ правите во пребарувачот.
Оваа алатка не е само генератор на титлови, туку е и видео уредувач, па со него ќе можете да ги сечете и да ги скратувате видеозаписите. Многу е едноставен за користење и со функциите за повлекување и за пуштање лесно ќе ги поместувате сите ставки и ќе вметнувате видео исечоци.
Вградените наслови на движењата, транзициите и повиците за акција се составен дел од алатката и лесно ќе ги персонализирате. Алатката поседува над 2 милиони вградени аудио, видео и сликовни датотеки, а повеќето функции се достапни во бесплатната верзија.
Maestra
Со уредувачот на титлови на Maestra, можете едноставно да ги менувате вашите автоматски генерирани титлови и автоматски да ги преведувате титловите на повеќе од 50 странски јазици без дополнителни трошоци.
Со овој уредувач можете да правите трнаскрипција на вашите аудио и видеозаписи, да титлувате и да додавате автоматски звук.
Совршен е за изработка на видеозаписи за YouTube, Facebook, Instagram или дури и за приспособена резолуција. Откако ќе го завршите вашиот видеозапис, можете директно од уредувачот да го споделите на која било социјална мрежа.
Со оглед на тоа дека Flixier уредувачот на видеозаписи е базиран на пребарувач, можете да му пристапите на кој било компјутер, од која било локација. Вашите проекти се безбедносно ископирани во облакот, па сѐ што треба да направите е да се најавите со помош на вашиот налог и да продолжите да работите на вашите видеозаписи дома, на работа или во движење.
SubtitleBee
SubtitleBee препознава и титлува повеќе од 120 јазици ширум светот, вклучувајќи ги и јазиците на земјите од Западен Балкан. Само изберете го јазикот на вашиот видеозапис пред поставувањето на видеозаписот и оставете SubtitleBee да ја направи неговата магија додавајќи му титлови на вашиот јазик на видеозаписот.
За повеќето јазици, алгоритамот има висока прецизност во откривањето на вашиот глас и додавањето на автоматски титлови во согласност со тоа. Можете и да преведувате титлови од еден на друг јазик со помош на вештачка интелигенција.
Со оваа алатка можете да направите транскрипција на вашите аудио снимки.
HappyScribe
За Happy Scribe алатката веќе пишувавме, но оваа алатка дефинитивно заслужува да се најде помеѓу овие пет апликации за титлување.
Happy Scribe е онлајн софтвер кој го забрзува процесот на транскрипција со користење на механизми за автоматско препознавање на говор. Ова е одлична корисничка алатка за генерирање на титлови што нуди многу голема прецизност на титловите. Ги форматира вашите титлови за да му одговараат на вашиот бренд. Можете да изберете повеќе поставки и да го подготвите вашиот видеозапис за објавување. Исто така можете директно да го преземете видеозаписот со вметнати титлови. Поддржува и албански, босански, црногорски, хрватски, македонски и српски јазик.
Преку титлувањето можете да привлечете поширока публика, а оваа алатка ќе ви помогне во тоа.
Откако вашиот транскрипт е завршен, преземете го во различни формати, вклучително и како Word документ или PDF датотека, за да можете да го додадете на вашата веб-страница, да го споделите со вашиот тим или да го употребите за пишување на статија.
Можете да ги приспособите бојата, фонтот и стилот на вашите титлови за да му одговараат на вашиот медиум и на визуелниот идентитет на вашиот видеозапис.
Сите овие алатки речиси подеднакво добро можат да ги задоволат вашите потреби за транскрипција и за титлување на видеозаписите, а во многу случаи и на аудиозаписите. Единствената разлика е во цената, како и во количината на дозволена транскрипција по пакети. Некои од овие алатки повеќе им одговараат на слободните новинари/ки, но повеќето од нив имаат и предвидени пакети за поголеми и за помали редакции. Дали веќе сте користеле некоја од овие алатки или можеби некоја друга ? Кажете ни ги вашите искуства.