Денес раскажувањето на приказни преку видео дава најголем ангажман на интернет, влијание кај публиката и досег. Концептот на раскажување во доменот на новинарството е тема која е актуелна и е широко распространета, што се одразува на сѐ поголем број на редакции кои ги прифаќаат наративните формати за да ги претстават своите содржини. Медиумскиот пејсаж од крајот на деведесетите до денес многу се променил. Ресурсите за производство на новинарска приказна не вклучуваат веќе само текст и слика, туку и аудио, видео и анимации. Со комбинација на овие формати се создаваат мултимедијални приказни. Поради тоа поседувањето на вештини за креирање на мултимедијални приказни е многу важно за новинарството денес.
Онлајн медиумскиот простор, кој денес не вклучува само поседување на единствен простор на вашиот медиум (веб домен), туку вклучува и цела низа на социјални мрежи, и како таков се бори за секој клик и за секое лице кое го користи онлајн просторот за доаѓање до вестите.
Во врска со тоа, содржината која ја креираат медиумите, и начинот како ги користат своите социјални платформи игра значајна улога во конзумирањето на тој медиум. Веќе не е доволно да се даде точна и проверена информација. Публиката бара повеќе. Таа бара креативност, иновација, забава. Поради тоа денес видеото е еден од најкористените формати на сите онлајн платформи, затоа што ја привлекува публиката, нуди креативност, а со новите онлајн алатки овозможува широк спектар на креативност.
Креирајте видео со или без искуство во монтирањето
Денес ви претставуваме платформа која му овозможува на секој раскажувач/ка, новинар/ка, без оглед на искуството или на вештината, создавање на единствени видеозаписи со висок ефект во голем опсег и брзина без преседан. Wochit платформата ја користат стотици медиумски организации ширум светот. Комплетното решение на Wochit ги комбинира длабокото познавање на процесите за производство на дигитални видеозаписи и преференциите на публиката со супер интуитивен интерфејс, овозможувајќи им брзо создавање на единствени видеозаписи со висок ефект.
Платформата на Wochit која е заснована на облак (cloud), дополнета со библиотека од преку 100 милиони слики и видеозаписи од врвни професионални и социјални извори, може да биде одлично решение за организациите кои сакаат да ја привлечат и да ја ангажираат публиката на дигиталните канали.
„Не сум техничарка. Јас сум новинарка. Веќе 20 години работам како новинарка на телевизија и на радио. Во текот на својата кариера сум уредувала илјадници видеозаписи, но со помош на уредникот кој користеше Premiere или Final Cut и седеше покрај мене и ги слушаше моите наредби. Кога почнав да го користам Wochit, сфатив дека можам да создавам сопствени видеозаписи и дека сум најпосле 'слободна' и можам да снимам квалитетни видеозаписи.“ – изјавила Myriam Ferrus, главна уредничка на Voici за дигитални, видео и социјални мрежи.
Кога стана јасно дека форматот на видеозаписот има влијание на перформансите, креаторите/ките на Wochit се повеќе ја користат функцијата за клонирање за да ја променат големината на своите видеозаписи на различни формати, за да ги оптимизираат постовите за соодветната платформа. Според Wochit, употребата на оваа функционалност пораснала за 19% во четвртото тромесечје на 2020 година во однос на четвртиот квартал на 2019 година.
Иновативни техники и олеснета работа за новинарите/ките
Кон средината на 2019 година го лансирале и Wochit Collage. Оваа функција им овозможува на професионалните и на непрофесионалните уредници/ки создавање на единствени креативни видеозаписи. Новиот, иновативен кориснички интерфејс повеќе од било кога го олеснува создавањето на динамични изгледи од сите видови за подобро раскажување.
Collage им овозможува на корисниците/ките на Wochit да ги искористат креативните планови за новинарско и вертикално раскажување. Идеално е за создавање на сите видови на видеа, вклучувајќи примери како што се:
- Креирање и илустрирање на исечените изјави на политичарите/ките
- Споредба на спортистите на натпреварот со поделен екран
- Креирање и коментирање на слика во слика за lifestyle новинарството
"Не мора да бидете професионален видео монтажер/ка или да трошите безброј часови на технички карактеристики за да создадете ефектен поделен екран на слика во слика за вашата видео содржина", вели потпретседателката за производи и за ЦСМ на Wochit, Daphna Tsachor. "Едноставно користете ја нашата нова функционалност за брзо, едноставно и интуитивно создавање на изглед кој има највеќе смисла."
Wochit Collage ги отвори границите за целосно нова ера на раскажување.
Wochit креацијата на видеозаписи нуди работа на:
- Социјални медиуми и маркетинг
- Развивање на уреднички и најнови вести
- Промоција на подкаст
- Покривање на настани на црвениот тепих
- Видео серии
- Стекнување и задржување на претплатниците/ките
- Интерни комуникации
- Односи со инвеститорите
- Учење и развој
"Целта е да му се овозможи на било кој раскажувач/ка да ја раскаже својата приказна преку видео брзо и едноставно. Идејата е да се добијат повеќе редакции кои ќе произведуваат квалитетни видеозаписи за емитување,", кажал уште во дамнешната 2015 година кога се создавала оваа платформа, Garret Goodman, директорот на продажба и развој на работењето. Навистина, денес, многу редакции ширум светот ја користат оваа платформа за да го зголемот досегот на публиката, но и да креираат што поинтересни видеозаписи кои денес публиката со нетрпение ги очекува од медиумите.