

Минатата година нашите колеги/шки од проектот SIMEE во Тирана одржаа обука за мобилното новинарство за новинарите/ките и за другите медиумски професионалци/ки, од продукција до објавување преку пакетот StoryMapJS.
StoryMapJS е бесплатна алатка која може да ви помогне да ги раскажете и обедините своите приказни на веб преку географски локации кои обединуваат низа на поврзани настани или теми. Иако е релативно нова алатка, таа веќе влезе во своја стабилна фаза и редовно се одржува и освежува, а она што е најважно е дека е лесна за користење и не бара познавање на јазикот Javascript кој се крие зад кратенката JS во називот на самиот пакет.
Иницијалната идеја во рамките на оваа обука беше да се развијат приказни со географска релевантност во и околу Тирана за да биде можно да се користи мапата. Дополнително барање во развојот на приказната беше широкиот историски контекст за кој е одбрано комунистичкото минато на Албанија. Користејќи се со три дополнителни алатки KineMaster, Lumafusion и DJI Osmo Mobile кандидатите/тките креираа 20 приказни кои на крај се обединети на мапата со единствена дополнителна приказна која ја направи раководителката на обуката за да се понуди поширок вовед во приказната.
Во оваа статија ќе се обидеме да ви го прикажеме процесот кој кандидатите/тките го поминаа и како тие дојдоа до крајниот резултат.
КАКО ДА ГИ СПОИТЕ СВОИТЕ ПРИКАЗНИ НА МАПАТА
Пред сѐ, откако ќе ги снимите своите приказни со користење на своите мобилни телефони и ќе ги измонтирате треба да најдете место на мрежата за вашето видео. Тоа е обично YouTube, но многумина го преферираат и Vimeo или некој сличен сервис.
Откако ќе ги поставите своите видео приказни на некој од горенаведените видео сервиси можете да пристапите кон обединување преку мапата со користење на StoryMap JS. За да го користите овој сервис мора да имате Google налог, а доколку го немате ќе морате да го креирате.
По пријавувањето ќе се отвори едноставно корисничко окружување за уредување на вашата мапа и дополнително опишување на приказните за вашите читатели/ки да можат да дознаат повеќе пред да појдат на патувањето што сте го креирале за нив. За да можат да го направат тоа како и на секој друг новинарски производ потребен е добар наслов. За потребите на работилницата колегите/шките од проектот SIMEE го одбраа насловот Tirana Walkabout.
Во продолжение ќе се отвори кориснички интерфејс со понудени полиња за обликување на насловната страница со следните елементи:
- Наслов
- Опис
- Можност за поврзување со некоја мултимедијална содржина или подигање на слика од вашиот компјутер и со придружен опис на авторството и насловот.
Она што е важно да се напомене е дека формуларот поддржува HTML уредување што дава дополнителни можности за визуелна обработка на текстот. Исто така се понудени и опции за визуелно обликување на позадината со кликнување врз копчето Background Options кое се наоѓа во долниот десен агол.
Откако ќе го додадете насловниот слајд и дополнително ќе го персонализирате преку Background options со кликнување врз опцијата Add Slide отварате нов прозорец во кој ја поставувате својата прва приказна и ја врзувате за определена географска локација. Сите останати опции се исти како и во првиот прозорец. Кога ќе завршите со првиот слајд додадете го наредниот сѐ додека не ја комплетирате својата приказна. Во секој момент со кликнување врз опцијата Preview можете да видите како вашата презентација ќе изгледа и да ја прилагодите доколку е потребно.
Важно е да се напомене дека StoryMap JS нуди и дополнителни можности за подесување преку копчето Options кое се наоѓа во горниот лев агол, каде можете да ги дефинирате следните подесувања:
- Големината на самата мапа за подобро да ја прилагодите кон вашето веб окружување.
- Јазикот на кој се пишува содржината. Засега единствено од нашите јазици е понуден српскиот во латинична варијанта, но не постои причина зошто и ќирилица не би работела дури и без дефинирање на јазикот.
- Дополнително можете да го обликувате изгледот на својата презентација со слогови на букви (fonts).
- Исто така можете да одберете мапата да се третира како слика, а не како географска мапа, што е важно доколку сакате побрзо вчитување на презентацијата со помалку опции.
- Наредната опција е дефинирање на т.н. „повик на акција“ со кој ги повикувате посетителите/ките на својата страница да започнат со истражувањето на подготвената содржина.
- Последната опција ви дозволува да одберете помеѓу неколку изгледи на географски мапи што дава дополнителна можност за персонализација на презентацијата на содржината.
Со кликнување врз опцијата Sharing ќе добиете код кој можете да го споделите на социјалните мрежи или опционо код iframe доколку сакате да ја вметнете презентацијата во својата веб страница или статија. Кандидатите/тките на обуката на SIMEE работејќи врз своите видео приказни на крајот ја раскажаа приказната за Тирана и нејзината историја на интересен начин кој можете да го видите подолу. Освен овој пример можете да видите тука како некои други медиуми ја искористиле оваа алатка за новинарско известување.