Како да ги користите Слоевите во Canva и да постигнете одлични резултати за вашиот видеозапис

05.02.2024. / 10:45

Користењето на различни алатки за креирање на визуелно привлечни решенија за вашиот медиум, без оглед на тоа дали зборуваме за веб содржина или за содржина за социјалните мрежи, стана секојдневие за креаторите/ките на содржини.

Можете да напишете одличен текст, но ако не ги искористите сите потенцијали на визуелните елементи, може да ја пропуштите шансата за вашата тема да допре до вашата публика.  

Денес сите ги користат социјалните мрежи и тие станаа најчестиот начин за да се дојде до информациите. За да останете во тек со она што го бара вашата публика и каде го бара тоа, важно е да користите помошни алатки кои ќе ви овозможат да креирате визуелни решенија кои ќе ги привлечат.

Како ќе го направите ова зависи од вашите потреби.

Голем дел од медиумските професионалци/ки денес ги користат различните алатки кои се достапни и го олеснуваат овој процес, како што е Canva, која стана многу популарна во медиумската заедница.

Слоевите (Layers) во Canva

Претходно пишувавме за Canva и за сите нејзини можности, а денес ви презентираме туторијал за тоа како да ги користите слоевите (Layers) за што е можно подобро позиционирање на елементите во внатрешноста на вашата видео содржина.

Користењето на слоеви претставува ефикасен метод за одржување на уредноста на вашите проекти во Canva. Имате слобода да додадете многу слоеви по желба и да ги организирате на саканиот начин.

Слоевите ви овозможуваат да ги организирате елементите на вашиот дизајн во групи. На пример, сите текстуални компоненти можете да ги поставите во еден слој, додека сите визуелни содржини ги поставувате во друг. Исто така, можно е елементите кои му припаѓаат на определен сегмент од вашиот проект да се групираат на еден слој.

Слоевите се одличен начин за да ја уредите вашата приказна што е можно попрофесионално. Тие овозможуваат мазни транзиции, без непотребни исечоци кои ќе го нарушат текот (flow) на вашиот видеозапис.

Кога имате слоеви, тогаш едноставно можете да го менувате нивниот редослед, без да треба да бришете нешто па да го ставате на друго место. Доволно е само да кликнете и да повлечете на саканата позиција во уредувачот, каде што слојот што е одозгора ќе биде видлив над другите во вашиот дизајн.

Слоевите се исклучително корисни кога сакате да измените определен дел од вашиот проект, како што е менување на бојата на поединечна слика. Ако сликата е на посебен слој, можете лесно да ги направите саканите промени без тоа да влијае на останатиот дел од дизајнот.

За отстранување на слој, доволен е еден клик на иконата за бришење што се наоѓа веднаш покрај слојот во уредувачот.

Со оглед на тоа дека слоевите нудат голема флексибилност и можност за креирање на комплексни и визуелно привлечни дизајни, топло ви препорачуваме да ги испробате и да откриете какви импресивни креации можете да создадете со користење на Canva.

Во продолжение ви презентираме детален туторијал за тоа како да се работи со слоевите во Canva.

Додавање на слоеви

За користење на слоеви во Canva на десктоп уред (лаптоп, компјутер...):

  1. Во уредувачот кликнете на страницата, позадината или елементот.
  2. На лентата со алатки над уредувачот кликнете на Position (Позиција). Ќе ги видите опциите што се појавуваат од страна.
  3. Изберете го јазичето Layers (Слоеви).

За користење на слоеви во Canva во мобилната верзија:

  1. Во уредувачот допрете за избирање на страница, позадина или елемент.
  2. На лентата со алатки под уредувачот изберете Layers (Слоеви). Ако не го видите веднаш, поминете со прстот низ опциите за да го најдете.

Во десктоп верзијата пронаоѓањето на слоеви изгледа вака:

Во следниот пример ќе видите како да додадете различни елементи, кои потоа можете да ги групирате како еден слој.

Низ слоевите можете да одредите кој елемент кога ќе се појави, така што не мора сите да се појавуваат во исто време во вашиот видеозапис. Претходно ова можевте да го постигнете со сегментирање на видеозаписот на кратки исечоци, но сега можете да го оставите целиот видеозапис, а редоследот на појавување на другите елементи (текст, видео, фото, графики...) тогаш го одредувате низ слоевите.

Погледнете како изгледа тоа:

Претходно пишувавме за тоа како да титлувате во Canva со користење на „Split page“ опцијата која всушност го сече вашиот видеозапис на кратки исечоци, каде што секој кадар е посебен во зависност од титловите. Сега тоа можете да го направите многу поедноставно со користење на слоеви без да го нарушите вашиот видеозапис. Од неодамна постојат и автоматски титлови внатре во Canva, но тие моментално не се достапни за БХСЦГ, македонски и албански јазик.

Се надеваме дека овој туторијал ви помогна за уште поедноставно да можете да креирате професионални видео содржини за вашиот медиум.

Оценете го квалитетот на статијата