Низ десет видео туторијали дознајте како да се занимавате со дата новинарство

15.01.2020. / 09:12
Автор/ка
Share
Copy of DATA NOVINARSTVO TUTORIJAL (5).png
Copy of DATA NOVINARSTVO TUTORIJAL (5).png

Во денешниот текст ви даваме преглед на десет епизоди од серијалот за дата новинарството кои имавте прилика да ги следите од октомври минатата година па сѐ до денес. Низ видео туторијалите за различни подтеми во склоп на дата новинарството ве водеше Имер Муховиќ.

Во првата епизода имавте прилика да се запознаете со термините дата новинарство и податоци, и низ примери да добиете подетална слика што всушност значи да се занимава со дата новинарство.

„Daта новинарството е новинарство кое е потковано со податоци. Тоа се новинарски приказни кои се засновани врз некоја анализа на податоците. Исто така, можат да бидат и бази на податоци до кои читателот/лката може да пристапи, или пак можат да бидат некои инфографики кои го илустрираат резимето на прибраните податоци. Податок е структурирана информација. Податоците можеме да ги претставиме преку табели, XML документи, карти, инфографики и слично.“

Една од најважните информации кога се работи за дата новинарството е факт дека податоците најчесто не се убаво форматирани и дека ќе мора да ги средите пред да тргнете да работите со нив. Преку овој серијал можете да видите кои се тоа стандардни формати за складирање на податоците и како да ги исчистите податоците во некој податочен сет.

Локализацијата ќе ви биде еден од поголемите проблеми секогаш кога работите со податоците, бидејќи податоците знаат да дојдат од секаде, и исто така знае да има проблеми при внесување на податоците.  Обработката на податоците најчесто се прави преку Excel табели, а Имер детално ве запознава како тоа да го правите. Во склоп на Excel табелите ви објаснува како да ги сортирате и филтрирате податоците за полесно да дојдете до саканите информации.

Доколку не сте стигнале, задолжително погледнете ја епизодата преку која можете да дознаете повеќе што се тоа пивот табели и како можат да ви ја олеснат анализата на податоците. Оваа епизода ќе ви даде одговори на прашањата како да доаѓате до вредностите кои ви требаат внатре во пивот табелата, и како графички да ги претставите резултатите.

Запознавајќи ве со работата на графиконите, Имер објаснува како можете брзо да ги резимирате податоците и да ги претставите графички.

Покрај Excel табелите и работата во нив, врз податоците можете да работите и преку некои други достапни апликации, како што е Flourish. Преку оваа апликација можете да работите врз изработката на интерактивни графикони, кои можат да ги направат податоците со кои работите поинтересни и можат на големо да ви го намалат текстот кој содржи голем број информации.

Често новинарите/ките работат на теми кои вклучуваат географски подрачја и во тој контекст понекогаш текстот може да биде вишок. Преку карта можете да претставите такви податоци на многу поинтуитивен начин и да му овозможите на читателот да ги забележи трендовите на мапата (ако постојат), и читателот самиот да ги погледне податоците кои најмногу го интересираат. Преку работа на картите можете да мапирате определени подрачја и некои специфични точки на картата.

Постои огромен број дигитални формати за работа со документи, од кои PDF е еден од најраспространетите. Наспроти својата популарност PDF има слабости поради бројни недостатоци кои ја отежнуваат работата со него. Пред сѐ, тоа што не е едноставен формат за вчитување преку некоја програма. ИТ заедницата одамна е свесна за овие проблеми, и во меѓувреме се креирани бројни алатки за вакви задачи, претворање на PDF документите во некои компјутерски почитливи формати. Преку последната епизода Имер објаснува кои се тие алатки и како да се користат за да ги префрлите PDF податоците во други формати преку кои подоцна можете да работите врз обработка на податоците.

Сите епизоди можете да ги најдете и на нашиот Youtube канал - Balkansmedia.

Ocijenite kvalitet članka